МЕДИА ЦЕНТАР

Прес конференција на ВМРО-Народна партија

Прес конференција на ВМРО-Народна партија 

   ВМРО-Народна партија, јавно реагира на обидот да се релативизира процесот на лустрација во Република Македонија и да се сокријат имињата на лицата за кои е утврдено дека во минатото биле соработници на тајните служби, а се на високи функции во власта. Побудени од шпекулациите кои се се поприсутни, од реакциите во јавноста и од неофицијалното вртење на имиња на неколку лица на високи позиции во државните органи, се обраќаме до јавноста  поради сомнежот и впечатокот  дека од страна на Комисијата за лустрација намерно се минира овој процес.

   ВМРО-Народна партија се обраќа до Комисијата за верификација на фактите (Комисија за лустрација) и јавно прашува:

1. Дали  е вистина дека  личност од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија, поранешен висок Владин функционер носител на позиција министер и поранешен член на највисокото извршно партиско тело на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период  бил соработник на тајните служби?
2. Дали е вистина дека и во редовите  на ДУИ има висок функционер за кој се знае дека бил соработник на службите ?
  

Бараме  и очекуваме Комисијата за лустрација  јавно да каже дали овие информации со кои располагаме се точни и ако се, а се –  кои се лицата за кои се претпоставува дека соработувале со бившиот режим.

   Македонската јавност има право да знае кои се тие и ги повикуваме сите партии и позициски и опозициски и парламентарни и вонпарламентарни за консензус по ова прашање. Мора да сме единствени во барањето Законот за лустрација реално да се спроведува и еднаш за секогаш да се разбере дека законите не се само текстови, туку треба да имаат функција. На тој начин ќе ги докажеме демократските вредности на македонската држава и подготвеноста да се расчисти со луѓето, кои во минатото правеле штета на македонските граѓани, а бескрупулозно учествуваат во власта.

   Почитувани, лустрацијата не треба да се сфати како лов на вештерки или поле за политичко препукување на партиите, затоа што овие лица може да се најдат во сите партии, без разлика дали во моментов се во позиција или опозиција. Лустрацијата не треба да се сфати и како казнување на тие личности во судска смисла, туку таа треба да биде јавна и морална дисквалификација на луѓето кои соработувале со службите на поранешниот режим, ги кодошеле своите колеги, пријатели, роднини и невини ги испраќале во затвор или во смрт.

   Токму затоа е и повикот на ВМРО-Народна партија. Ние не сакаме во власта и сега и било кога во иднина да партиципираат луѓе кои кодошеле и кои соработувале со тајните служби, од едноставна причина што не знаеме дали и до ден денес тие луѓе не се врбувани од остатоци од овие служби.

ВМРО-Народна партија
Центар за комуникација


Прес конференција на ВМРО-НП

Почитувани претставници на медиумите,

ВМРО – Народна Партија со крајна огорченост и огромна доза на загриженост за иднината на Рапублика Македонија, ја прими информацијата, проследена со видео материјал, каде во касарната на АРМ во Велес, во центарот на Македонија, војници на АРМ облечени во војнички униформи пеат борбени песни, отпоздравувуваат и се поклонуваат на албанското знаме, претставувајќи се како команданти на УЧК.

  Да потсетиме: истата таа Армија на Република Македонија во 2001 година беше во воен судир токму со УЧК, за одбрана на територијалниот интегритет на нашата држава. Дали сега под превезот на исполнување на Охридскиот рамковен договор и правична застапеност на етничките заедници, внатре во АРМ се организираат инсталации на УЧК.
  Тука, поставуваме едно хипотетичко прашање: Што ако утре (иако никој не го посакува тоа) повторно дојде до меѓунационална криза. На чија страна ќе бидат истите тие војници, кои примаат плата, се хранат и облекуваат од македонските граѓани.
Да не бидеме сфатени погрешно, ВМРО-НП го поддржува реализирањето на Охридскиот договор, ВМРО-НП е за исполнување на сите права што уставно им следуваат на малцинските етнички заедници.
  Се поставува отворено прашање: Како денес се чувствуваат македонските мајки кога знаат дека во касарните каде што се нивните синови и ќерки, се велича знаме на друга држава и се дава заклетва на друга војска. Дали тие родители имаат гаранција за безбедноста на нивните деца.
Како денес се чувствуваат и семејствата на жртвите од конфликтот во 2001 година.
  И конечно, како денес се чувствуваат бранителите на Македонија, истите бранители од 2001 година, за кои не се најде место за вработување, само за да се обезбеди простор за исполнување на точката од Рамковниот договор за правична застапеност.
  Дали ваков скандал може да се случи во Америка, или во Франција или во Албанија? НЕ!
  Затоа сметаме дека мора под итно да се најдат и санкционираат оние што го дозволиле овој скандал и оние што не го спречиле. Исто така сметаме дека  одговорност мора да понесат министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.
  Македонија мора да размислува за иднината и да ги заборави духовите од минатото, никој нема право да отвара стари рани од конфликтот во 2001 и никој нема право да го воскреснува УЧК, а најмалку тоа да го прави во срцето на еден од столбовите на безбедноста на државата.


Соопштение од Седница на Извршен Комитет на ВМРО-Народна партија

Соопштение од Седница на Извршен Комитет на ВМРО-Народна партија

 Премиерот Никола Груевски, со последниот настап, уште еднаш, по којзнае кој пат, покажа и докажа дека не живее во реалноста, повторно ја лажеше македонска јавност и ја продолжи политиката на популизам и лажни ветувања.
Груевски, немајќи аргументи, немајќи позитивни бројки и резултати, даде отчет за работењето во минатите 4 години, при тоа заборавајќи дека е нормално да се дава отчет за едногодишно работење или барем за периодот од последните избори, а не за период од два изборни циклуси.
Оттука би му порачале во следниот отчет да го вклучи и периодот од 1998 до 2002 година, кога беше министер во Владата на Љубчо Георгиевски, затоа што, тогаш бројките навистина ќе му беа многу позитивни.
Груевски, неуспешно се обиде да вади просек од, колку – толку, успешните први две години и од катастрофалните втори две години, притоа заборавајќи дека за првите две години од владеењето, граѓаните на претходните избори го прифатија неговиот отчет, позитивно реагираа и му ја доадоа довербата. И особено што првите две години ги владееше со еден коалиционен партнер, а вторите две со друг.
За ВМРО-Народна Партија е несфатливо како Груевски даваше отчет и за она што планира да го сработи во иднина, затоа ги поставуваме следниве прашања:
– дали Никола Груевски живее во реалноста и дали воопшто живее во Македонија
– дали Никола Груевски даваше отчет за работењето на Владата на Република Македонија или зборуваше за резултати на некоја виртуелна Влада која си ја замислува само тој и членовите на неговито потесно раководство.
– дали Никола Груевски ги смета граѓаните на Македонија за наивни и со кратко паметење кога ги лаже дека добро живеат, притоа заборавајќи на сиромаштијата, невработеноста, непросперитетноста во која е доведена државата.
ВМРО-НП смета дека е крајно време Груевски да престане да ја лаже јавноста, да престане да троши државни пари на смешни проекти и да престане да го троши времето на македонскиот народ со своето неуспешно владеење. Груевски треба да престане да го убедува народот дека е битно што статистички добро да живее, иако во реалноста е гладен.
Затоа му порачуваме, час поскоро да распише избори и да даде отчет пред гласачите, па ќе види дека народот мисли поинаку од него и од неговите експертите, тендерџии и фамилјарци, во спротивно ќе остане сам, како и на прес – конференцијата.

ИК на ВМРО-НП

Извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, на својата редовна седница, одржана во Прилеп на 05.09.2010, меѓу другите точки на дневниот ред, расправаше и за обраќањето на премиерот Никола Груевски. Ставот на ИК на ВМРО-НП е следниов:


Страна 13 of 13« почетна...5...910111213