Колумна

Георгиевски за Актуелно24: На Страшо Милковски СДСМ му го подари Гранит, Владата на Георгиевски му даде над 50 млн. евра работа

Интервјуто на довчерашниот генерален директор на Гранит Страшо Милковски дадено за порталот Фактор.мк предизвика кај мене потреба да реагирам со соодветен одговор на неколку места. Првото е дека во периодот 1998-2000 година имал многу сериозен политички притисок и второ, во списокот на работите кои ги добивал Гранит за периодот од 1998 до 2002 година не е ставена ниту една работа која ја има добиено од тогашната влада. Веднаш да кажам дека најсоодветно ќе беше одговорот да го дадам на истиот портал Фактор.мк но, за жал таму не пронајдов нигде простор, ниту под неговото интервју, ниту на целиот портал, каде би можел да го дадам мојот одговор. Па затоа, еве се заблагодарувам на порталот Актуелно24.мк чија редакција ме запраша дали се пронаѓам во интервјуто на г-динот Милковски.

ljubco

Во описот на својата биографија г-динот Милковски го заборава периодот од  1990 до 1998 година кога беше главна политичка фигура на СДСМ во Делчево. Тоа е период во кој тој воспостави комплетна политичка диктатура на територијата на општина Делчево зашто има многу живи сведоци, а водеше и персонална битка против мене терајќи ги многу мои роднини и лични пријатели да се откажуваат од мене и да зборуваат со директни напади колку што можат повеќе. Диктатурата за која денес се обвинуваат многу локални моќници на ВМРО ДПМНЕ е детска градинка спрема онаа што Страшо Милковски го имаше направено со Делчево. Како награда на неговата директна пресија во мојот роден град на Страшо Милковски директно му беше поклонет Гранит. Сакаме да ја потсетиме Македонската јавност дека целиот раководен тим беше против него, а СДСМ насила го донесе на чело на оваа компанија. Во тој момент почна насилството над акционерите на Гранит, или да ги продадат за смешна сума своите акции на Страшо или ќе останат без работа. Така што неговиот коментар дека од политика ништо не добил нека си го расчистат внатре во СДСМ, таму нека го повикаат и нека им објасни кој му го даде Гранит.

Со нашето доаѓање на власт 1998 година како што почнаа ревизиите во повеќе фирми така беше направена ревизија и на Гранит и како што самиот вели биле  подготвувани 7 до 8 кривични пријави за него. Неможам да се сетам на содржината на тие кривични пријави, но сигурно не биле тенденциозни и без основа. Но, многу добро се сеќавам дека амбасадор акредитиран од една земја членка на НАТО дојде директно да бара од мене да ги запреме сите процеси против Страшо Милковски, дури тоа го постави и како можен политички проблем. Тоа е добар пример дека и многу западни демократии борбата против корупцијата ја водеа само декларативно, а кога лично ќе се вплеткаат во некои бизнис односи ја злоупотребуваа сопствената позиција на амбасадор. Тоа е едниствен пример некој амбасадор да има барано ваков тип на услуга од мене.

Независно од оваа ситуација, а според нашата филозофија и политика во тоа време, ВМРО ДПМНЕ водеше економска политика која имаше за цел да им помогне на сите градежни компании во Македонија. Ние го заборавивме дејствувањето на Страшо Милковски до 1998 година и го третиравме како субјект рамен на сите. Ќе го потсетам господинот Страшо дека како Влада сме заслужни за добивањето на неговите бизниси во Бугарија, Албанија и Украина. Иако во периодот 1998 до 2002 година не ставил ни еден проект сакаме да го потсетиме на неговите лични зборови кога ги гушкаше Балковски и Арнаудов дека од Владата на ВМРО ДПМНЕ има добиено за над 50 милиони евра работа внатре во Македонија, најмногу од било која Влада. Ќе го потсетам само на неколку: Обиколницата околу Скопје, Браната Лошана, бројни стамбени згради, Блаце граничниот премин, стотици локални патишта, му ги доплативме долговите од СДСМ за автопатот Тетово-Скопје, вклучен беше во сите градежни проекти на ЕСМ и плус во ископот на рудниците. Нека го повика директорот на 11то градилиште Владо Велиновски кој секоја недела им повторуваше на вмровците во Делчево дека Гранит зема плата само од Владата. Впрочем, не е тешко тоа да се провери и нека си ги видат договорите внатре во фирмата во перидот од 1998 до 2002 година и самите договори ќе им кажат колку работи имаат добиено од таа Влада.

И на крај, како дополнителен коментар во текстот за порталот Фактор.мк  кои го претставија Страшо Милковски како голем директор, им се има испуштено еден многу сериозен податок. Кога Страшо Милковски станал директор на Гранит фирмата имала 8.000 вработени. Денес оваа фирма има 1.500 вработени. Браво за успешноста.


Колумна на Претседателот на ВМРО-НП, г-дин Љубчо Георгиевски во дневниот весник “ФОКУС“ од Декември 2011 година

Македонија АПОСТАТ

Читам и неможам да верувам! Циркузијадата продолжува. Пред црквата Св.Димитрија ќе биде поставен споменик и на Филип Втори Македонски. Најавено е оти ќе биде поголем од оној постоечкиот на Александар, претпоставувам затоа што е повозрасен (та нели му е татко) и се прашувам колкави ли ќе бидат паметниците на дедо му Аминта, па на прадедо му Пердика кога ќе им скимне и нив конечно да ги постават. И тоа не е се! Не очекува и бонус! Имено, кога ќе го поминеме Јустинијанскиот мост, ќе не дочека нова статуа на мајка му Олимпија, држејќи го малиот Александар в раце (цинизам наспроти христијанската икона за Мајка Богородица). Во исто време продолжува кампањаа трагајќи за нов идентитет на Македонците преку внезапно издавање книги, преку менување на содржината на постоечките учебници, преку снимање нови документарни програми во кои актерите не можат ни да ги прочитаат имињаа на нашите нови историски идоли. Да бевме современици на Фројд, на Јунг или на Адлер, безбели ќе пристигнеа на студиски престој во Македонија, така што ќе ја збогатеа психијатријата со нов термин (од типот “македонски комплекс“). Затоа што насилството на кое што е изложен идентитетот на македонскиот народ навистина заслужува стручен надзор или лонгитудиналноо повеќедецениско истражување!
Впрчем, на тој начин само се потрврдува правилото: “проблем е прв пат, вториот пат е полесно“! На народот кој што еднаш веќе го смени комплетниот идентитет, очигледно му е полесно и вторпат да го направи истото. И така, со големите пароли дека настојчиво го браниме македонскиот идентитет, владата на најревносен начин го менува токму него! Силувањето на идентитетот се случува преку сите погоре споменати инструменти, поткрепено низ претставената нова слика на државата. Но, најинтересно настапува, кога владата ќе ја обвинат за антиквизација. Тогаш, се чудат, не знаат ништо, небаре народот спонтано дејствува!
Само да прашам: Од кога не сме чуле јавен збор за Св.Кирил и Методиј, или за Св.Климент и Св.Наум? Та, што се тие наспроти величината на Александар Македонски?! Единствениот реален корен врз кој можеме да се потпреме (словенскиот) го урнисавме, го деградиравме и го исмејавме. До вчера учевме дека столб на Македонската православна црква е словенството, во секоја наша црковна или преродбенската книга извира словенскиот карактер на овој народ. Но црквата упорито молчи! Молчат и македонистите, молча и академиците, молчат и докторите на науки! Некои од страв, други поради уцена, трети заради поткуп. Вакво безобразно, неосновано и глупаво извитоперување на националниот идентитет му се нема случено на ниеден друг народ во поновата историја! А нам, за шеесет години дури двапати! Да појаснам. Ваквото “толчење“ на идентитетот може да се рамни само со промената на сопствената самоличност, случено на овој ист народ, во 1945 година.
АПОСТАТ-отпадник. Основното значење на зборот се употребува пред се во религозен контекст за оние кои што се откажале од вистинското учење или од верата (особено од христијанската).
Ете, тоа е денеска Македонија, АПОСТАТ!!! Секој следен ден, со се поголемата антиквизација стануваме отстапници од Заветите на Св.Климент и Св.Наум, од Заветите на Браќата Миладинови, Прличев, Шапкарев… Отстапуваме и од Заветите на Делчев и на Груев кои што јасно и недвосмислено дејствувале против оние кои што ќе потпаднеле под пропагандата на Каравангелис дека нивниот јазик е словенски, ама во нив тече крвта на Александар. Тогаш, таквите ги осудуваа на смрт како грчки платеници!!!
Македонија не е отстапник само во однос на етничките корени! Таа е отстапник и во поглед на верата! Веќе во секоја новоизградена црква се “фрескописа“ симболот на Амон Ра така што прашање на ден е кога Свети Климентовата црква ќе ја преименуваме во “Свети Александрова црква“. Зар не можеме да забележиме како Христијанските обележја отстапуваат пред статуите на паганизмот?!
Знам дека скаската за Александар е многу милозвучна! Ама лажна, многу лажна! На крајот на краиштата, ние имаме автохотна историја, ама таа не е поврзана со Александар…