СООПШТЕНИЈА

Граѓаните да не потпаѓаат под влијание на новите театарски претстави на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ

ВМРО-Народна партија го изразува својот револт што повторно сме сведоци на една предизборна театарска претстава во режија на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во која доминираат мотиви од епско јуначки сцени за докажување на наводен патриотизам со цел да го регрутираат своето гласачко тело.

vmro_np

Во изминативе години повеќепати сме се нагледале вакви опасни режирани состојби, како што беа, тешката провокација на МАНУ со едицијата на контраверзната енциклопедија, случувањата со црквата на скопското кале, протестите за споменикот на цар Душан, барањето на ВМРО-ДПМНЕ од своите гласачи да обезбедат 62 пратеници за да не бидат уценети од ДУИ и многу други примери, па се до сегашниве настани со поставувањето на двоглавиот орел во општина Чаир и на крстот во општина Бутел.

ВМРО-Народна партија упатува апел до сите граѓани на Р.Македонија, добро да размислат, како тоа, пред секои избори ВМРО-ДПМНЕ од една страна и ДУИ од друга, се најжестоки противници ставајќи го во функција македонскиот и албанскиот национализам на највисок степен, а после изборите веднаш тоа да се заборави и нивната коалиција да функционира безпрекорно.

ВМРО-Народна партија укажува дека играњето на картата на создавање на меѓурелигиски и меѓуетнички високо ризични тензии е премногу голем и опасен влог. Овој чувствителен момент на внатрешна нестабилност и опасностите од надворешното опкружување создадени од најголемата мигрантска криза во историјата на човештвото, може да доведе до сериозни нарушувања по безбедноста на граѓаните и загрозување на самиот опстанок на државата.

ВМРО-Народна партија потсетува дека зад сите настани стојат исти режисери, сценаристи и актери за залажување на сопствената публика, меѓутоа овој пат сме убедени дека се прочитани во нивните намери и граѓаните нема да дозволат да бидат повторно изманипуларани.


Расветлувањето на случајот ПУЧ е поголема демократска придобивка отколку сите поведени процеси поврзани со прислушкувањето

ВМРО-Народна партија изразува голема загриженост за тоа во која насока се одвиваат настаните поврзани со судскиот процес наречен ,,Пуч,,. Зачудува мистериозноста и отсуството на било каква законска основа и сериозна аргументација за повеќепати одложување на процесот. Наведените причини од страна на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заради кои го одложи почетокот на процесот, а се од семеен и религиозен карактер, се во најмала рака несериозни.

580048_3498592895898_957611312_a

ВМРО-Народна партија очекува заедно со целата демократска јавност, судската расправа по овој процес да даде јасен одговор кои структури и институции нелегално прислушкувале огромен број на граѓани, притоа загрозувајќи им ги основните човекови права на приватност и личен интегритет. Во едно демократско општество кое тежнее да биде член на ЕУ каде владеат високи стандарди и критериуми за човековите права и слободи, нелегалното прислушкување претставува најтежок облик на загрозување на истите. Расветлувањето на ова прашање е поголема демократска придобивка отколку сите поведени судски процеси заедно поврзани со нелегалното прислушкување.

ВМРО-Народна партија смета дека ваквиот тек на настани и отсуството на реакции од двете најголеми политички партии, им одговара да се сокрие вистината и да не излезе на виделина кој, од кога и за какви цели посегнал по незаконско прислушкување во Р.Македонија. Од ова уште и произлегува сосема логичен заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или се директно се договорени или премолчено се согласиле овај тежок криминоген чин, сега, а и во иднина да остане во зоната на тајност.


Бараме соодветно медиумско застапување на помалите политичките партии

ВМРО-Народна партија со внимание ја следи настанатата ситуација во врска со медиумското претставување на политичките партии за предвремените парламентарни избори предвидени со Пржинскиот договор.

vmro_np

Сегашниот целосен застој на преговорите предизвикан од несогласувањата на двете најголеми партии од македонскиот блок, по наше мислење може брзо да се откочи со почитувањето на легитимното право на помалите политички партии да учествуваат на овие разговори и да ги заштитат своите интереси што произлегуваат од уставот и законот за рамномерна застапеност на сите политички субјекти.

ВМРО-Народна партија потсетува дека реагираше на ваквите дискриминаторски односи кон помалите политички партии во сферата на медиумите за почитување на правата што произлегуваат од законот. Меѓутоа, воопшто непочитувајќи го законот, а повикувајќи се само на произволно толкување на сопствен правилник, беа грубо погазени нашите права за претставување на нашата партија во целост.

ВМРО-Народна партија ги повикува сите новинарски здруженија, политичките партии кои учествуваат во овој процес и меѓународниот посредник да се заложат за соодветно медиумско застапување на помалите политичките партии кое според законот им обезбедува правично, избалансирано и непристрасно медиумско претставување, а конечниот договор да гарантира целосна и неодложна примена во пракса.


Интервју на претседателот на ВМРО НП со Марија Бразда на НашаТВ на 20.02.2016 (Сабота)

Проследете го интервјуто на претседателот на ВМРО Народна Партија г-дин Љубчо Георгиевски со новинарката Марија Бразда на НашаТВ во Сабота(20.02.2016) со почеток во 17:00 часот. 

Screen Shot 2016-02-19 at 7.35.41 PM

Г-динот Георгиевски дава одговор на прашања релевантни за моменталната состојба на нашата држава. Истото интервју ќе се емитува повторно во истиот ден од 20:40 часот и наредниот ден Недела(21.02.2016) со почеток во 10:00 часот наутро.


Бараме да се зголемат телевизиските проекти од домашна продукција

ВМРО-Народна партија изразува загриженост од иницијативата на телевизиите кои поседуваат национална концесија, во преговорите за медиуми утврдени со Пржинскиот договор, да бидат ослободени од обврската утврдена со закон за производство и емитување на одреден квантум на македонска продукција.

logo_konv

ВМРО-Народна партија потсетува дека покрај помалку важните технички услови за добивање на концесија за национална телевизија, главен критериум е негување, продукција, проширување, афирмација, потикнување на секаков вид на проекти кои во својата содржина го формираат и зајакнуваат чувството за припадност и идентитет на граѓаните на Р.Македонија. Тоа подразбира поголема застапеност на домашна музика, културни настани, филмски остварувања, телевизиски серии, научно образовни и спортски емисии поврзани со нашето општо живеење.

Од друга страна, ова ќе значи и дополнителна ангажираност и стимулација за пообемно и поквалитетно творештво на наши истакнати писатели, драматурзи, режисери, композитори, глумци и пеачи, и научно истражувачки млади кадри со кои несомнено располага Р.Македонија. Комерцијалната оправданост за понудената ефтина странска продукција кои по правило се со сомнителен квалитет, на која се повикуваат телевизиите, само ќе го попречи овој тренд на застапеност на македонското творештво.

ВМРО-Народна партија заради сето горе наведеното, бара, во договорот за медиуми зголемување на сите видови телевизиски проекти од домашна продукција и промена на термините за нивно прикажување во време кога можат македонските граѓани што повеќе да ги гледаат.