Соопштенија

ГЕОРГИЕВСКИ за Утрински весник: Песимист сум за иднината на Македонија по 5ти Јуни

 
Меѓународната заедница ако сакаше, можеше да искористи друг речник за да и’ каже на оваа Влада да си оди, но со самото тоа што и’ даде простор да преговара и’ даде простор да се спаси, смета поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љупчо Георгиевски

ljubco

Господине Георгиевски, ВМРО-НП како партија се спротивстави на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за општо помилување. Пред година ипол предложивте помилување на сосема поинаков начин од овој. Колку е здраво за едно општество вакви процеси, вакви сомнежи да останат без судски епилог?

Доколку станеше збор за амнестија, таа мораше да се случи по завршувањето на процесите или на почетокот пред да почне, затоа што сега веќе процесите се почнати. СЈО е формирано, значи мора да се расчисти целата оваа ситуација. Ние практично со ова ништо не расчистуваме. Не го расчистуваме ниту основното прашање кој снимал. Јас и понатаму ја држам таа идеја дека е многу суштински важно да се расчисти кој снимал, за да се стопира тој процес. Меѓутоа, ние денеска не само што тоа нема да го дознаеме, туку и самите дела нема да ги дознаеме. Се добива впечаток дека оваа работа е само меѓу претседателот Иванов и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа одлука го прави целиот процес дополнително нелегитимен.

Дали ВМРО-НП ќе учествува на изборите на 5 јуни, Вие најавивте дека ќе одлучите откако меѓународната заедница ќе даде своја оцена. Но, како политичар, сметате ли дека во Македонија има услови за фер избори?

Одговорноста за условите на изборите треба да ја носат оние што учествуваа во тој процес на преговори. Овој биполарен политички свет меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ние не го прифаќаме. Затоа цело време се обидуваме да зборуваме дека има и други граѓани во Македонија. Но, не гледам дека ни во наредните две години, на пример на план на медиумите ќе се смени нешто. Пржинскиот договор треба да заврши со избори. Мене ми е жал што СДСМ цело време настапува мазохистички и не гледа колку меѓународната заедница му помага во тој процес. Се плашам дека може да дојде до крај на тој интерес на меѓународната заедница да му помага на СДСМ. Меѓународната заедница е цело време активна во процесот на тој договор од Пржино. Пред 24 април меѓународната заедница беше јасна и кажа дека нема услови за предвремени избори. Како што тогаш кажа, треба и сега да каже. Ние како набљудувачи на тој договор, немаме доволно информации и затоа велиме како ќе каже меѓународната заедница, ние така ќе се однесуваме. Ако меѓународната заедница излезе со став дека има услови, ќе биде голема катастрофа СДСМ да ги бојкотира изборите.

Веќе одреден период се работи на формирање трет блок центродесничарски. Дали ВМРО-НП се гледа во тој блок?

Има таква идеја. Има и почетни разговори. Колку реално може да се оствари, не можам да кажам. Знаете по долги години искуство со тие политички коалиции, понекогаш има волја, но кога ќе седнат политичките партии да се договорат кој треба да биде носител, за места на листи, работите пукаат на многу елементарни прашања. Во овој момент пореално е ВМРО-НП да оди на избори самостојно. Особено што тука има и идеолошки проблеми. Сите други партии глумат некаков патриотизам, а за ВМРО-НП е јасно прашањето за името. Македонија нема време да чека и треба што поскоро да го реши ова прашање за да одиме напред во евроатлантските интеграции.

Имаше одредени информации дека е можно и проблемот со името да се решава во пакет со кризата?

Јас мислам дека тоа е повеќе дел на спин-мајсторите од левиот и од десниот блок. Сакаат да си наштетат со таа идеја. И во левицата и во десницата не гледам искрена намера и реална одговорност на политичарите да влезат во битката и да го решат тој проблем. Мене ми е жал што за овие две години не го следевме патот на Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, да не зборувам за Хрватска, Бугарија…

Со оглед на искуството што го имате, како ја гледате Македонија по 5 јуни?

Морам да кажам дека сум голем песимист за иднината на Македонија по 5 јуни. Ако се одложат изборите, кризата продолжува, ако се одржат изборите и СДСМ учествува – има некаква шанса, но ако СДСМ бојкотира тоа ќе значи повторно целосна блокада и изолација на Македонија. Никој нема Македонија да ја носи напред ако главната опозициска партија не учествува на изборите. Проблемот е што имаме две деструктивни политички раководства и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ, кои и пред кризата не блескаа со визија за Македонија, но по кризата се’ се сведе на борба за егзистенција и реваншизам.

Последниов период искажувате сериозни критики за начинот на кој СДСМ ја води политичката битка. Доколку Вие ги имавте материјалите што ги објави Заев, како ќе постапевте?

Прво, три или четири месеци ќе објавував снимки на опозициски лидери и интелектуалци. Во една држава тоа е доволно да имате голема афера и е доволно да се докаже дека власта прислушувала во Македонија.

Така постапи Црвенковски во 2001, но крајниот резултат не дојде веднаш?

Па, сепак, сето тоа имаше своја завршница. Но, да не заборавиме дека сега има многу построги казни од тогаш, има многу посериозни реперкусии и ако тоа се надоврзеше на целиот недемократски имиџ на ВМРО-ДПМНЕ, ќе беше сосема доволно.

А сомнежите за криминал?

За другиот дел од снимките по три месеци ќе објавев само четири снимки – снимката за Фијат Цаноски, за кинескиот ѕид, за плацот на Водно и за израелската опрема. Сето друго е тотално неважно.

Какво е Вашето мислење, може ли Груевски повторно да биде премиер?

Не сум јас тој што треба да ја донесе таа одлука. Има две структури што треба да го кажат тоа. Едната се македонските граѓани, кои еве се’ знаат, се’ видоа и треба да гласаат. А другата структура е меѓународната заедница. Ако на меѓународната заедница и’ пречи целата оваа ситуација, има начин и подиректно да ја пренесат пораката. Но, јас во овој момент не гледам дека и едните и другите не сакаат во овој момент Груевски да не биде премиер. Меѓународната заедница благо се однесува кон целата оваа криза, кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а пак македонскиот народ на ВМРО-ДПМНЕ му дава рејтинг што е невиден досега во Македонија. Излегува дека македонскиот народ е многу пропагандно податлив. Еве два примери. Во бивша Југославија пропагандата беше кон сите нации еднаква. Од Албанците таа пропаганда создаваше најголеми непријатели на Југославија, а од Македонците направи најголеми Југословени. Потоа само за три години оваа пропаганда од тие најголеми Југословени направи антички Македонци.

Последниов период се добива впечаток дека Груевски, односно ВМРО-ДПМНЕ излегува од патот трасиран од меѓународна заедница. Можно ли е тоа да биде пресудно во разврската на политичката криза?

Има многу специфичности кај меѓународната заедница. Порано имаше само едни господари. Тогаш Русија беше маргинална сила. Денес мислам дека работата е малку поспецифична и самата меѓународна заедница внимава да не ја натисне многу работата, за да ја свртат песната на другата страна, односно во интерес на Русија. Од друга страна, самиот проблем не е од такво ниво во очите на меѓународната заедница, како што беше во 2001 година. Третиот фактор е што двете главни албански партии ДУИ и ДПА е 100-процентно со ВМРО-ДПМНЕ. Од самиот почеток меѓународната заедница не се однесува на ист начин, како што ние како опозиционери и интелектуалци се поставивме кон политичката криза. Беа многу полежерни во таа работа. Меѓународната заедница ако сакаше, можеше да искористи друг речник за да и’ каже на оваа Влада да си оди. Со самото тоа што и’ даде простор да преговара и’ даде простор да се спаси.

Во јавноста неодамна соопштивте дека Вашата фирма не помина баш најдобро со тендерот што го доби за изградба на барокен хотел под Кале?

Тендерот за плац за хотел под Кале го добив најчесно, во конкуренција со седум фирми. Но, за жал, се соочуваме со начинот на работата на оваа Влада. Не знам дали од неспособност или од интереси. Тој проект е пропаднат на моја штета. Јас дадов многу пари на проекти кои сега се неупотребливи. Всушност, Министерството за транспорт и урбанизам продало плац за хотел кој не може да се реализира. Град Скопје таму го сменил Генералниот урбанистички план и направил на сред хотелот да поминува мост, односно го поместил мостот кој претходно требаше да поминува на друго место. Така што целата оваа приказна ќе заврши со кривична пријава против Министерство за транспорт и урбанизам за измама и кон Град Скопје ќе поднесам кривична пријава за тоа што го изменил Генералниот урбанистички план со цел да се легализира една дивоградба на фирмата „Рудине“. Тие направиле тројна штета кон Македонија. Прво, еден прав мост го искривиле целосно, што значи најмалку два милиони евра поскапа инвестиција, а за да се реализира тој мост треба да се урива и лизгалиштето под Кале. Ова само зборува до каде може да одат коруптивните интереси на дел од оваа Влада.

Татјана Поповска


Протестираме против комплетното дискриминаторско однесување на медиумите блиски до власта

ВМРО-Народна партија постојано протестира против комплетното дискриминаторско однесување на медиумите кои поседуваат  национална концесија  и се блиски до владата на Р.Македонија, пред се : МРТ, Канал 5, Сител, Алфа и други слични на нив.

vmro_np

ВМРО-Народна партија од формирањето, па се до денес е трета политичка сила во македонскиот блок на политички партии, а во моментов е најголема вонпарламентарна партија. Ова ги обврзува сите национални телевизии согласно законот за медиуми, професионално, етички и рамномерно да известуваат за програмските цели и активности на нашата партија. Сакаме да Ве потсетиме дека во последниве десетина години, од горе споменатите медиуми воопшто не сме биле презентирани пред македонската јавност.

ВМРО-Народна партија укажува дека со денот на распишувањето на предвремените Парламентарни избори стапува на сила чл. 75 за медиумско претставување содржан во Изборниот законик, кој гласи : ,, Радиодифузерите, односно јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва што одлучиле да ги покриваат изборите се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма.,,

ВМРО-Народна партија се определи на ваков чекор заради незаконската пракса што досега ја применуваа посочените медиуми, грубо кршејќи го Изборниот законик преку измислена Методологија за мониторинг за изборно медиумско претставување, ставајќи еден интерен акт над законот.

ВМРО-Народна партија јасно кажува дека доколку се продолжи со ваквиот груб дискриминаторски однос кон нашата партија, ќе ги превземиме сите законски мерки и истовремено ќе ги известиме сите релевантни фактори за да се заштитиме од целосната изолација за презентација на нашата програма и со самото тоа и оневозможување на граѓаните да се запознаат со нашите цели, програми и активности.


Договор аболираните да не учествуваат 10 години во политика, за да се надмине кризата

ВМРО-Народна партија анализирајќи ги сите параметри што ги карактеризираат општите состојби во нашата држава, констатира дека Р.Македонија е во длабока криза по сите основи : безбедноста е силно нарушена, економската стабилност е загрозена од внатрешни и надворешни влијанија, владеењето на правото е комлетно суспендирано, меѓупартиските обвинувања се на точка на вриење што лесно можат да ескалираат во граѓанска војна, а меѓуетничките односи се постојана латентна закана.

vmro_np

ВМРО-Народна партија најмногу е загрижена од крајно ерозираниот морал и отсуство на минимум етика кај политичарите и партиите, во нивната сурова и безмилосна пресметка против своите неистомисленици.

ВМРО-Народна партија за подигнување на етичката свест кај политичарите и нивната искрена посветеност кон државата и граѓаните, предлага, во услови на распуштено собрание да се направи џентламентски договор помеѓу партиите, аболицијата која подразбира милост од државата и ослободување од кривично гонење, истовремено да значи и забрана за било какво учество во политика во следните 10 години. Веднаш по конституирање на новото Собрание на Р.Македонија, сето ова да се преточи во закон.

ВМРО-Народна партија исто така бара, новиот закон да содржи и член со кој аболираните политичари кои се покажале доблесни и не ја прифаќаат добиената аболиција, да им биде овозможено својата невиност да ја докажат низ редовна судска постапка. Колку што е тешко одредено лице да се осуди за сторено кривично дело, а потоа да биде опфатено со аболиција, уште потешко е тоа лице да се спречи низ редовна законска можност да ја докаже својата невиност.

ВМРО-Народна партија последниве 10 години постојано укажува на несоодветната казнена политика која се граничи дури и со свирепост содржана во скоро сите судски пресуди без оглед дали тоа се однесува на поединци или фирми и на тој начин придонесува за горенаведените состојби во областа на судството. Максимално се залагаме за комплетно преиспитување и ревидирање на казнената политика што се применува кон граѓаните и фирмите во Р.Македонија, во насока на драстично намалување на драконските казни што сега се изрекуваат од судовите во Р.Македонија.


ВМРО НП предлагаше амнестија низ собраниска процедура, амнестијата на Иванов далеку понеправедна

ВМРО-Народна партија пред година и половина беше иницијатор за донесување на закон за амнестија низ собраниска процедура. За сето ова време иако жестоко критикувани, продолживме да го браниме овој став, затоа што бевме убедени дека кризата на крај ќе заврши со амнестија која ќе е далеку понеправедна и селективна, а за која опоменувавме во повеќе наши соопштенија. Ние ги разбираме намерите на претседателот Ѓорги Иванов, меѓутоа начинот и формата на неговата лична одлука, не соодејствува со состојбите што ги имаме денес.

vmro_np

ВМРО-Народна партија бараше Закон за амнестија донесен во Собранието на Р.Македонија со претходна целосна согласност од четирите најголеми политички партии, која ќе се однесуваше само за кривични дела од сферата на изборните нерегуларности  и за осудени лица со полесни кривични дела, што во Македонија се казнуваат со несоодветно високи казни.

ВМРО-Народна партија потсетува дека во тоа време не беше почнато објавувањето на бомбите, кризата беше на почеток и спротивставеноста помеѓу политичките партии не беше толку жестока. Цениме дека во тоа време, помирувањето беше многу полесно изводливо, отколку денес за кое задоцнето се залага Иванов и речиси претставува невозможна мисија.

ВМРО-Народна партија смета дека дополнително влошената политичка криза од емитувањето на содржините на бомбите, покажа дека актуелните политички лидери немаат капацитет за решавање на кризата и затоа беше неопходна меѓународна посредничка интервенција што резултираше со Пржинскиот договор. Една од главните точки на договорот беше формирање на Специјално јавно обвинителство кое почна со работа, а со овој личен акт за помилување од Иванов, целосно ќе биде суспендирано, што може да предизвика реакција од меѓународната заедница за целосно изолирање на Р.Македонија.

ВМРО-Народна партија е на мислење дека сите започнати судски процеси и оние што допрва ќе се отворат, а се во врска со содржините на прислушуваните разговори, треба да се завршат со првосилна пресуда, а потоа врз тие лица да се примени мерката амнестија како милост од државата. На овој начин, граѓаните на Р.Македонија ќе имаат целосен увид за тоа кој и во колкава мера и наштетил на Р.Македонија што ќе биде поголем срам и казна за нив, отколку самата судска пресуда.


ОДЛУКА ДАЛИ ЌЕ ОДИМЕ НА ИЗБОРИ НА 5ти ЈУНИ ПОСЛЕ СТАВОТ НА МЕЃ. ЗАЕДНИЦА

ВМРО-Народна партија искажува сериозна загриженост од однесувањето на четирите политички партии потписнички на Пржинскиот договор во врска со утврдениот датум за одржување на предвремените Парламентарни избори, со што ќе се стави крај на длабоката политичка криза во Р.Македонија, која трае речиси две години.

vmro_np

Во овие денови кога имаме кулминација на кризата, главните политички фактори не убедуваат за тоа колку интересите на Р.Македонија се највисок приоритет за нив, а од друга страна, нивните искажани ставови и погледи околу разрешувањето на кризата, имаат печат на чисто партиски интерес.

ВМРО-Народна партија високо го цени доприносот на меѓународната заедница, која според нас, одсекогаш била конструктивна и пријателски настроена кон интересите на Р.Македонија и нивното партнерство и соработка се од голема корист за нашата држава. Убедени сме дека оваа соработка и натаму ќе продолжи и на крај ќе резултира со полноправно членство во евроатлантските интеграции на општа радост на граѓаните на Р.Македонија.

ВМРО-Народна партија заради сето ова и заради позицијата на гарант за спроведување на Пржинскиот договор, ја повикува меѓународната заедница јасно, прецизно и конкретно да го каже својот став, дали се исполнети условите за одржување на изборите на 5 јуни и дали е спремна да ги прогласи изборите за регуларни, а резултатите за легитимни.

ВМРО-Народна партија која е под силен притисок на домашната јавност за произнесување дали ќе учествува на претстојните предвремени Парламентарни избори на 5 јуни, соопштува дека својата одлуката ќе ја објави после конечно завземениот став на меѓународната заедница по ова суштествено прашање.


Страна 3 of 3312345...101520...последна »