Интегрален текст од одржаната прес конференција пред владата на Република Македонија 27.06.2012

Почитувани,

 

Ароганција, клевети, навреди, кон сите што мислат со своја глава од една страна, а лаги и манипулации на сопствениот народ од друга страна …
Ова се одлики на исплашени и себични политичари на кои им е важно само да се на власт.

За жал, оваа зграда наместо симбол на државноста, стана симбол на лицемерие.
Лицемерите во оваа зграда не бират средства да лажат, да манипулираат, токму преку вас медиумите, се со цел да останат да владеат, ако може и доживотно.
Денес ќе ви откриеме само неколку лаги искажани од владините функционери поврзани со наводно големите успеси поврзани со патувањето во Русија.
Сакаме да ја информираме јавноста дека кога премиер на една држава оди во посета на друга држава, по сите дипломатски норми и стандарди во текот на целата посета треба да биде придружуван од премиер или вице премиер. Но во Русија се потврди нискиот кредибилитет и углед кој го има Груевски во дипломатските кругови.

Големите државници беа гости на трговско индустриската комора која има само протоколарна функија и сите услуги кои ги пружа се засноваат на комерцијална основа односно се плаќа за секоја организирана средба или настан.

Ги информираме граѓаните за 6-те лаги и манипулации на јавноста од страна на владата поврзани со авантурата во Русија:

1. Сочи- изјавите дека во Сочи се отвора простор за нашите градежни фирми и простор за пласман за нашиот зеленчук се срамна лага затоа што:

–   Објектите за олимпијадата се градат од пред 7 години и моментално се во завршна фаза и за истите тендерите се завршени

–   Во врска со пласманот на нашиот зеленчук само ќе споменеме дека транспортот по еден камион до Сочи чини минимум 5000 евра, бидејќи градот е географски двојно подалеку од Москва, а упатените знаат колку е важна оддалеченоста и цената на транспортот во агробизнисот.

2. Краснодар- како регион произведува 65% од потребите на Русија за земјоделски производи така што срамно е што Груевски во очи ги лаже земјоделските претприемачи дека имаат шанса да извезуваат во овој регион бидејќи истиот има капацитет да ги задоволи потребите на рускиот пазар па дури и да извезува пченица, домати, кромид и сл.

3. Владимир и Сузаљ- се познати во светот по златните икони и се религиозни и културни центри на Руската федерација, и немаат високо развиена индустрија па затоа отворено прашуваме кои се економските бенефити за Р.Македонија од посетата на овој регион?

4. Нижни Новгород – е центар на Руската федерација за азиските републики каде што се одржува најголемиот саем и е место на кое се собираат бизнисмени од цела Русија па и пошироко.
Дали г-не Груевски бевте на саемот и кои се бенефитите за Македонија од истиот или бевте само на туристичка прошетка?

5. ЛУКОИЛ – Македонија ќе биде регионален центар на ЛУКОИЛ…
ЛУКОИЛ својот регионален центар веќе го има во Р.Бугарија. Директор на ЛУКОИЛ за регионов е Злате Златев?  Дали Лукоил ќе има два регионални центри во две соседни држави или пак станува збор за очајна ЛАГА!

6. Гасификација-  Благодарение на успаноста и неспособноста, Македонија стана слепо црево на Балканот. И со патишта, и со железници, па и со гасификацијата. Сега, во очајна состојба, мотивирани и лавнати по гласови се впрегнаа во пропаганда. Но да потсетиме, проектоет гасификација се ветува на сите избори наназад, и се се сведува на зборчето ЌЕ….
Крајно лицемерно е енергетскиот дебакал и заобиколувањето на Македонија од гасоводот Јужен поток да се претвара во некаков успех и победа.


Господо од владата, помина вашето време, во паника сте, ве разбираме, ја унакажавте државата, и наместо еднаш, само еднаш да си ја признаете грешката, вие повторно изигрувате големи политичари. Па мизеријата и сиромаштијата се најголем показател на вашето политиканство. Еве ако сте толку способни државници, и ако имате толку добри релации со руската федерација, најдобронамерно ви сугерираме да се изборите Македонија да влезе во царинската зона на Русија, каде што се Србија и Црна Гора, и без царина Македонските  производи да ги освојуват руските пазари.