Лично обраќање (писмо) од г-дин Љубчо Георгиевски по повод вчерашното соопштение на МПЦ

Почитувани,

 

Во најновото соопштение на Светиот архиерејски синод на МПЦ во одреден дел препознавам напад врз моите заложби и активности.

Затоа и се чуствувам повикан да им објаснам уште еднаш на Македонските владици за што всушност се борам:

Во последните 3-4 години владата на ВМРО-ДПМНЕ,  преку државен инженеринг врши активна промена на Македонската историја и комплетно ревидирање на словенските корени во античко-македонски.

Дали владиците на МПЦ воопшто можат да видат дека со додавање на античка Македонија се брише комплетната смисла на мисијата на СВ. Кирил и СВ.Методиј и на СВ. Климент и СВ.Наум.

Ако имаме континуитет,чуму беа потребни мисиите на овиe наши светци ? Кого учеа ? Кого воспитуваа ? Кого христијанизираа и покрстуваа?

Дека во Македонците има крв на Александар Македонски е основата на грчката пропаганда од крајот на 19 век предводена од страна на Владиката Каравангелис. А токму црквата предначеше во таа битка. Словенството е основа на секоја црковна книга во нашата историја. Ако го извадат словенството од историјата на МПЦ, таа ке остане само кимбал што ѕвечи.

Во исто време можат ли да разберат владиците од МПЦ дека антиквизацијата е всушност и дехристијанизација на Македонија? Антиквизацијата е оддалечување од словото христово и враќање на многубоштвото и паганството.

Паганизам од најмизерен вид е што МПЦ која заради своето полтронско однесување кон власта го премолча ставањето на споменикот на Александар Македонски на местото каде што можеше да стои само патронот на Македонија СВ. Климент. Паганизам е што во секоја нова изградена Македонска црква се црта сонцето – симболот на Амон Ра.

Паганизам е статуата на Олимпија која го држи во раце малиот Александар, како пародија за Пресвета Мајка Богородица со нашиот спасител Исус во раце.

Жал ми е што во мојата реченица, дека Македонскиот народ ќе си го проколне мајчиното млеко што се откажа од СВ.Климент и СВ.Наум, први се препознаа токму владиците, кои први се повикани  и чија што должност е да го бранат нивното дело.

Мојата мисија ја гледам само во таа функција, да се остане на заветите на СВ. Кирил и СВ.Методиј, на СВ. Климент и СВ.Наум.

И на крај, јас сакам да ги повикам Владиците од Светиот Архиерејски Синод, јавно да излезат, и јавно да побараат прошка од СВ. Климент за нивното 3 годишно живеење како апостати (отстапници) од неговите завети.

Со почит,

Љубчо Георгиевски

Претседател на ВМРО-Народна партија