Влада во егзил, претседател во домашен притвор

Во Македонија во последните 10 дена постои видливо и јасно кршење на Уставот на Р.Македонија, на законите на Р. Македонија и комплетно газење по достоинството на граѓаните и суверенитетот на нашата држава.

Сето тоа е пропратено и со зачестени физички инциденти во кои по правило и без исклучок е тепан Mакедонскиот народ.

Меѓуетничките односи драматично се влошуваат со тенденција да прераснат во општ хаос и да не запрат во скоро време.

ВМРО Народна партија досега со ниту една изјава, со ниту еден свој коментар се нема вклучено во оваа напната ситуација.

Но, не можеме а да не ја искажеме нашата резигнираност од молкот на македонските институции, бидејќи овој молк на Владата и Претседателот многу повеќе ги вознемирува граѓаните отколку сите случувања последниве денови.

Затоа, јавно, сакаме да го споделиме нашето чувство дека Македонија во овој момент функционира исто како владата да е во егзил, а претседателот на државата во домашен притвор.

Јавно ги повикуваме да престанат со ова кукавичко однесување и што поскоро откако ќе се вратат од егзил да започнат нормално да ги вршат своите функции и конечно да дадат јавни и јасни ставови и решенија ШТО и КАКО понатаму? Бараме да им објаснат на граѓаните на Р.Македонија дали сликата која ја имаме деновиве  по улиците ширум Македонија е слика на европска Македонија која ја посакуваме или на некоја држава од Блискиот Исток?