ВМРО-НП: Дали Илчо Захариев се спротивстави на директивите на ДПМНЕ?

Интегрален текст од прес конференцијата одржана денес (18.04.2013) од страна на членот на ИК на ВМРО-Народна партија, г-дин Слободан Близнаковски.

vmro np pres kon

Почитувани,

ВМРО НП ја поздравува храброста и одлучноста на новиот градоначалник на Штип г-динот Илчо Захариев, кој како ниеден друг градоначалник покажа дека е вистински демократ, градоначалник на сите граѓани и собра храброст да зборува за долговите на општина Штип покажувајќи дека транспарентноста во однос на граѓаните му е еден од главните адути.

И покрај начинот на владеење на ДПМНЕ да ги прикрива долговите со кои ги задолжува граѓаните на Р.Македонија Илчо Захариев се осмели да се спротистави на партиските директиви од ДПМНЕ и против нивна волја обелодени дека општината е во лоша финансиска состојба и се соочува со енормен јавен долг.

Се поставува прашањето како ДПМНЕ планира да ги реализира ветените 10 112 проекти во предизборната кампања доколку и останатите општини во Р.Македонија се соочуваат со недостиг на финансиски средства и огромни долгови?

Г-динот Захариев прв од редовите на ВМРО ДПМНЕ констатираше и јавно порача дека лесно е да се земе кредит но го поставува прашањето кој ќе го враќа истиот?

Прашуваме дали г-динот Захариев  апелира до своите партиски авторитети да престанат со земањето кредити и непотребните задолжувања со цел спречување економска пропаст на Р.Македонија?

Ги охрабруваме сите градоначалници да направат финансиски пресек и анализа на буџетите на општините со кои раководат и јавно да ја соопштат финансиската состојба односно локалните долгови кои ги имаат општините бидејќи истите  се еден дел од јавниот долг на Р.Македонија.

Почитувани граѓани, ВМРО НАРОДНА ПАРТИЈА по којзнае кој пат ја прашува Владата јавно да се изјасни, дали Р.Македонија  стои гордо исправена пред бездната наречена банкрот на сите општини вклучувајќи ја и државата?