ВМРО НП на Конвенцијата во Охрид ги претстави носителите и 120-те кандидати за пратеници

Денес во Охрид, ВМРО Народна партија одржа конвенција на која беа претставени носителите на листите на партијата во шесте изборни единици и 120-те кандидати за пратеници.

konvencija_ohrid

Претседателот на ВМРО-НП, Георгиевски најпрвин говореше за актуелниот претседател и актуелен кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, за која кажа дека кога тој се залагал за независна Македонија, Ѓеорѓе Иванов седел во Сојузните комунистички институции во Белград и сонувал за спас на Југославија, а во 2001 година бил во прес центарот на СДСМ.

Во 2001 година Иванов беше дел од СДСМ и додека ние крваревме на боиштата, Иванов ширеше пропаганда дека ОНА не е терористичка организација и со сите сили работеше на уривање на владата на ВМРО – рече Георгиевски.

Тој се освртна и на тврдењата во рекламите на Иванов во кои тој говори за зачувување на идентитетот.

За кој идентит говори Иванов? За онај кој го смени во изминатите пет години и од словенски народ не однесе во антиката, кинејќи ги сите корени на словенството – праша Георгиевски.

Георгиевски повика на освестување на народот за кој кажа дека брзо се топи и полека го снемува.

Ние зборувавме пред пет години за масовното иселување и топењето на македонскиот народ. Еве сега гледам сите почнаа за тоа да зборуваат. Ако ги погледнете податоците да видиме кога од како сме самостојни најмногу се иселува народот од Македонија, ќе видите дека тоа се прави токму последните пет години откако е на власт оваа најпатриотска влада – рече Георгиевски.

Лидерот на ВМРО – НП, Љубчо Гергиевски пред присутните на конвенцијата нагласи дека само преку демократијата можат да се решат економските, мултиетничките или надворешно-политичките проблеми.

Тој побара од граѓаните да им ја дадат довербата која, како што рече, партијата за време на своето вледеење во периодот од 1998 до 2002 година на граѓаните им овозможила највисок животен стандард и најдобра бизнис-клима.

– Ние имаме програма со која ќе ја вратиме надежта, програма со која ќе ја вратиме реалната демократија во земјата и конечно економскиот просперитет, порача претседателот на ВМРО-НП.

За прашањето за името, Георгиевски рече дека секој одговорен политичар мора да е свесен оти само македонскиот човек може да го реши проблемот, а не, како што рече, да се чека тоа да го стори некој однадвор.

– Навистина треба одговорно да излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека сега е време да го пресечеме јазолот. Треба да се соочиме со реалноста, да извлечеме поуки од историските неправди. Време е да се смени стратегијата, време е Македонија да влезе во друштвото на богатите, моќните. Најголем патриот денеска е оној кој ќе ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО, оној кој ќе го врати демократското живеење во земјата, кој ќе обезбеди социјална и економска благосостојба за своите граѓани, истакна Георгиевски.

Тој додаде дека членството во ЕУ ќе биде и остварување на долгогодишниот сон на Македонците за обединета Македонија, да живеат сите во една држава, во обединета Европа.

Носител на листата на партијата првата изборна единица е Слободан Близнаковски, Љупчо Балтоски во втората, Ристо Пецов во четвртата, Ванчо Костовски во петтата, Горан Лотевски во шестата и лидерот на партијата Љубчо Георгиевски, во третата изборна единица.