Љубчо Георгиевски: Срамна спрега меѓу власта и медиумите

Лидерот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, за Дојче Веле изјави дека е изненаден и згрозен од содржината на разговорите што ги презентираше лидерот на СДСМ.

ljubco

Неговото име се спомнува во разговорот, што според Заев, го воделе директорот на УБК, Сашо Мијалков и сопственикот на ТВ Канал 5, Емил Стојменов. Според разговорот, Мијалков неколку дена претходно на Стојменов му најавил дека „од понеделник почнува да апси“. Стојменов потврдува дека му е ќеф што е уапсен Бошковски, но според наводниот разговор, оди и чекор понатаму: „Знаеш што уште ќеф да ми направиш? Тој Љубчо да го уапсиш!“

Според Георгиевски, ваквите разговори сведочат за срамна спрега меѓу власта и медиумите.

„Медиумите одработуваат за власта, но од снимките се заклучува дека таа соработка оди и двонасочно, па и од власта се бара да оствари ‘желби’ на медиумски сопственици. Она што го знам, е дека околу 80 отсто од богатството Стојменови го стекнаа кога таткото (Борис Стојменов) беше министер за финансии во мојата влада. Таа влада им ја даде концесијата за телевизијата Канал 5. Денес, малку е ако кажам дека чувствувам грижа на совест и одговорност за таа постапка, особено кога слушам како некој бара да ми ја стават главата во торба. Не разбирам, од каде толкава омраза кај некои луѓе?

Не разбирам од каде и кај Драган Павловиќ – Латас толкаво одушевување за апсењето на Бошковски. Па кога Љубе беше министер, Латас многу често беше гостин во неговиот дом. Најмалку 30-тина пати бил на вечери во домот на Бошковски“, вели Георгиевски.