Наместо персонални промени во Владата, за фер избори потребни се суштински измени на изборниот систем

ВМРО-Народна партија го поздравува постигнатиот првичен политички договор на четирите најголеми политички партии, со силно посредништво на меѓународната заедница, за излегување од долготрајната политичка криза, со што се обезбедува и понатаму опстојување на препораката за отпочнување на преговори со ЕУ, која заради кризата беше доведена во прашање.

580048_3498592895898_957611312_a
ВМРО-Народна партија истовремено изразува жалење и големо разочарување од пропуштената голема можност, токму во овој момент со повеќе законски предлози и решенија преточени во системски мерки, да се изгради стабилен изборен систем кој ќе гарантира фер и демократски избори. Голема стратешка грешка е исклучителното фокусирање на персонални промени во Владата, особено со договореното право на вето што уште сега наговестува можни блокади, дури и комплетна парализа во спроведувањето на процесот. Од друга страна, продолжува маргинализирањето на помалите политички партии кои се непроценливо богатство во процесот на демократизација на сите општества. Посебно зачудува незаинтересираноста на опозицијата да се избори за конструктивните предлози на помалите политички партии во прилог на зајакнување на изборниот систем, како на пример : Р.Македониија да биде една изборна единица без квалификациски праг, идентификација на гласач по пат на отпечаток, зајакнување и персонално и функционално на Државната Изборна Комисија, поригорозни закони за изборни манипулации и за функционери кои ќе вршат притисоци и други злоупотреби што произлегуваат од нивната функција, како и утврдување на посебни мерки за неутрализација на можни нерегуларности од изборните комисии.
ВМРО-Народна Партија во членовите и алинеите од основниот договор ги препознава горе понудените мерки и решенија и бара од сите, а посебно од опозицијата да ги имплементира во систем кој ќе гарантира слободни и фер избори, што е предворје кое гарантира сигурен влез во демократски општества. Во спротивно наместо понудени политички програми ќе имаме само уште една немилосрдна борба полн со гнев и омраза за дотолчување на противникот, каде што победникот ќе слави оспоруван триумф, а поразениот својот неуспех ќе го правда со изборна кражба, со што долго очекуваното демократизирање на општеството и понатаму ќе рѓосува закочено на слеп колосек.