Зошто експресниот пат Велес-Лозово е 2 метри над рамниот терен?

Вмро Народна партија ја поздравува спремноста на Владата најголем дел од капиталните инвестиции да ги насочи во изградба на инфраструктурата на Република Македонија. Брзиот и економичен транспорт на граѓаните и сите видови на стоки претставува врвен приоритет на секое општество, особено од аспект на поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, со што се избегнуваат човечки жртви и материјални штети. Меѓутоа бараме објаснување зошто експресниот пат Велес – Лозово е подигнат 1.50-2 метра од теренот кој е рамен. Нека ни посочат држава која на рамен терен има изградено ваков пат.

vmro_np

Убедени сме дека ќе беше подобро решение ако средства потрошени за подигнување на патот се искористеа за негово проширување, со што ќе се добиеше уште една лента што ќе значеше побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот. Чувството да се вози по него е како да се вози по мост кој нема ограда, со што новиот пат наместо да е побезбеден станува поризичен и поспор. Згора на тоа патниците се дезориентирани од обележувањето и патната сигнализација која е неразбирлива затоа што речиси целиот пат е облежен со полни линии. Како возачите да се престројуваат на полни линии, а притоа да не бидат казнети? Самите возачи чувствуваат потреба од упатство како да се однесуваат на експресниот пат, а да не згрешат според Законот за сообраќај.

Вмро Народна Партија во интерес на безбедноста и пооптималната искористеност на овој патен правец бара што побргу да се исправат овие недостатоци и особено укажува на итноста од потребата за поставување на заштитна ограда по должината на целиот пат со цел побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот.