Сега е моментот да се промени Законот за избори кој е дискриминаторски во однос на малите партии

ВМРО-Народна партија во период на намалена активност на партиите во решавањето на политичката криза во Р.Македонија, верува дека се создадени поволни услови за прифатлив договор помеѓу партиите, со што ќе се донесе најдоброто решение за одржување на фер и демократски избори.

vmro_np

ВМРО-Народна партија смета дека постојниот Закон за избори е дискриминаторски во однос на малите политички партии, заради што тие се принудени да влезат во коалиција со големите партии и притоа да ги изгубат својот партиски суверенитет и идеологија.

ВМРО-Народна партија и понатаму е цврсто убедена дека само  со измена во Законот за избори каде што Р.Македонија, наместо со 6 вештачки утврдени Изборни единици, ќе се замени со една Изборна единица, претставува најсигурен пат до вистински плуралистички состав на Парламентот, со што ќе се обезбеди трајна и широка демократизација на општеството. Заради поголема ефикасност на законот да се утврдат членови со кој нема да се предвидува однапред утврден квалификациски праг за влез во Парламентот, како и да биде изрично забрането коалицирање помеѓу партиите пред избори. Ова ќе биде силен поттик за сите помали политички партии за самостојно учество на изборите.

ВМРО-Народна партија е убедена дека наредните избори спроведени според новиот закон што го предлагаме, за Р.Македонија да биде една Изборна единица, без праг и без предизборно коалицирање, во целост ќе ги задоволи општите критериуми за фер и демократски избори, во кои јасно ќе биде изразена волјата на гласачите подеднакво на целата територија на Р.Македонија.