Партиите потписнички на Пржинскиот договор својот интерес го ставаат пред интересот на Република Македонија

ВМРО-Народна партија потсетува дека деновиве измина една година од потпишувањето на Пржинскиот договор, кој и според нас е единствена можност за излез од длабоката политичка криза во Р.Македонија.

580048_3498592895898_957611312_a

Меѓутоа, не само што нема разрешница, туку заради инертноста и несериозноста на политичките партии, кризата уште повеќе се продлабочи и прошири на полето на безбедноста со секојдневните демонстрации низ градовите на Р.Македонија, предизвикани од несреќната и наменска аболиција од претседателот Ѓорѓе Иванов, што Р.Македонија дополнително ја втурна и во уставна криза.

ВМРО-Народна партија истовремено констатира, несекојдневно теснопартиско задоволство и релаксираност кај политичките партии потписнички на договорот, од едногодишното меѓусебно надмудрување, а на штета на интересите на Р.Македонија. Тоа се гледа во настанатиот политички вакуум, каде нема никакви активности во вистинска насока за излез од кризата, што е  цел на Пржинскиот договор.

ВМРО-Народна партија повикува, овој политички вакуум да се искористи за трајно решавање на конкретно посочените задачи од договорот со нов дневен ред кој ќе утврди поединечно прецизни рокови за: целосно прочистување на Избирачкиот список, решавање на правичното медиумско претставување на партиите, одвојување на партијата од државата и отстранување на партиските притисоци во јавната администрација. Посебно ја повикуваме Државната Изборна Комисија да биде носител на овие активности во делот на надлежностите што ги има.

ВМРО-Народна партија предлага предвремените Парламентарни Избори да се одржат заедно со редовните Локални Избори, во третата недела од Март 2017 година. Овој термин е оптимален за времето кое им е потребно на политичките партии не само декларативно да се залагаат, туку вистински да ги реализираат поставените задачи.

ВМРО-Народна партија смета дека и покрај имплементирањето на горенаведените задачи, неопходно е Пржинскиот договор, Р.Македонија  да ја дефинира како една Изборна единица, со што дефинитивно ќе се создадат услови за спроведување на праведни, фер, демократски и кредибилни избори, признати од меѓународната заедница, што ќе биде можност за широка демократизација на македонското општество.