Невладиниот сектор ги пречекорува своите овластување и го отежнува решавањето на кризата

ВМРО-Народна партија високо ги цени активностите што во одреден период ги правеа невладините организации и граѓански здруженија во Р.Македонија, во насока за демократизирање во сите области на општеството. Нивниот ангажман околу обезбедувањето на фер, демократски и кредибилни избори, наиде на широка подршка и симпатии кај граѓаните.

vmro_np

ВМРО-Народна партија меѓутоа,  смета дека со последниот ултиматум за обезбедување на таканареченото ,, петто столче,, за нивно учество во политичките разговори за надминување на кризата, ги пречекорува основните принципи и овластувања на граѓанскиот сектор за политички ангажман од нивна страна.

ВМРО-Народна партија истовремено предупредува дека на овој начин, невладините организации и граѓански здруженија, ја отежнуваат преговарачката позиција на опозицијата предводена од СДСМ. Подршката со тоа што целосно се ставија на страна на опозицијата, не значи дека СДСМ и останатите политички опозициски партии, треба да  бидат нивни заложници и да дејствуваат според нивните наредби. Се добива впечаток дека се однесуваат како политички партии, а не како граѓански здруженија.

ВМРО-Народна партија предлага, ако сакаат да продолжат со политичко дејствување, да се пререгистрираат во политички партии и со тоа да ги стекнат сите права и обврски што произлегуваат од Законот за политички партии. Се до тогаш, овие здруженија треба да се однесуваат во рамките на нивните надлежности и да не присвојуваат права што не им припаѓаат според законот. Ваквите ирационални условувања, го отежнуваат почетокот на политичкиот дијалог за целосно имплементирање на Пржинскиот договор подржан од меѓународната заедница, како единствен начин за разрешување на политичката криза.