Одбележувањето на битката кај Кајмакчалан е тешка провокација

ВМРО-Народна партија со огромен пиетет ги почитува и ги подржува чествувањата на датуми кои одбележуваат одредени историски настани кои длабоко се врежуваат во сеќавањата кај луѓето. Особено настаните, каде што голем број на млади луѓе во тешки и крвави  војни го загубиле највредното,  односно својот живот. Од денешен аспект без оглед за какви идеали тоа го направиле, пораката е една и единствена : ваквите настани никогаш повеќе да не се повторуваат, а одбележувањето да биде во насока на создавање на трајни пријателства меѓу некогашните непријатели.

580048_3498592895898_957611312_a

ВМРО-Народна партија мегутоа, не може, а да не изреагира на селективниот избор на Владата на ВМРО-ДПМНЕ која во континуитет одбележува одредени празници востановени од само еден сосед, а за сите останати продолжуваат и понатаму со непријателска пропаганда.

ВМРО-Народна партија одбележувањето на денешниот ден на битката кај Кајмакчалан, го смета за тешка провокација и навреда за чувствата на македонскиот народ. Зошто владата на ВМРО-ДПМНЕ го премолчува непобитниот историски факт дека во битката кај Кајмакчалан од другата страна, во составот на бугарската армија учествуваше 11-тата дивизија со 33000 македонски доброволци. Импресивно е што учесниците во овие борби, без оглед дали биле припадници на македонската левица или десница, демонстрирале висок степен на толку посакуваното историско помирување и сите заедно се бореле за остварување на своите заветни идеали. Потврда за ова е и учеството на сите поранешни илинденци, војводи и комити и други воини во претходните војни.  Дали овие високо патриотско херојски дела на нашите предци треба да останат заборавени, а за сметка на ова да се величаат српските окупаторски војници.

ВМРО-Народна партија повикува, да се извече поука и во иднина ваквите големи историски денови да се прославуваат заедно помеѓу Македонија, Бугарија и Србија, а одредени одбележувања кои се однесуваат на другите соседи, да се прават заедно со Албанија, Косово и Грција. Само на ваков начин ќе се надминат историските неправди и нема да бидат залудно положени животите на илјадници млади луѓе без разлика на која страна припаѓаат, со што ќе се придонесе за смирување на страстите на немирниот Балкан  и целосна интеграција во обединета Европа.