Владата по примерот на европските земји да превземе превентивни мерки во случај на Трета светска војна

ВМРО-Народна партија внимателно и со голема загриженост го следи развојот на настаните на глобално ниво, каде што секојдневно се соочуваме со драматично влошување на состојбите на кризните жаришта со зголемување на опсегот и жестината преку силни воени дејствија.

vmro_np

Бројни признати авторитети, сегашни и поранешни политичари, воени аналитичари и високи воени функционери, во своите анализи, предупредувања и заклучоци, укажуваат на се поголемата веројатност од еруптивно проширување на воените дејствија и на други територии и држави кои во моментов не се опфатени, при што не ја исклучуваат и можноста и од употреба на нуклеарно оружје Поимот Трета Светска Војна, секој ден се почесто се употребува во медиумите ширум светот, што самото по себе е крајно вознемирувачко кај луѓето.

ВМРО-Народна партија е зачудена од целосниот молк во врска со овој светски проблем и бара соодветно постапување и превентивна заштита, во прв ред од Владата на Р.Македонија, како што тоа го направија повеќе европски земји, меѓу кои Германија, Австрија, Швајцарија и други. Тоа подразбира обновување и дополнување на стоковите резерви со основни прехранбени артикли, лекови, хигиенски производи, сите видови горива и други неопходни артикли. Да се провери функционалноста на подземните засолништа и доколку се констатираат пропусти, тие да се доведат во ред. Да се информираат граѓаните, како да постапуваат во случај на загрозеност по нивните животи и истовремено да ги зголемуваат своите домашни залихи на храна, вода, лекови и хигиенски производи, заради можност од отежнато снабдување со стоки и услуги.

ВМРО-Народна партија со ова укажува, дека не треба да има чувство на паника, но смета, дека е потребна извесна доза на зголемена внимателност во врска со овие непосакувани состојби во светот, со што ќе се елиминира ризикот да бидеме изненадени и затекнати неподготвени.