Колумна на Претседателот на ВМРО-НП, г-дин Љубчо Георгиевски во дневниот весник “ФОКУС“ од Декември 2011 година
Македонија АПОСТАТ

Читам и неможам да верувам! Циркузијадата продолжува. Пред црквата Св.Димитрија ќе биде поставен споменик и на Филип Втори Македонски. Најавено е оти ќе биде поголем од оној постоечкиот на Александар, претпоставувам затоа што е повозрасен (та нели му е татко) и се прашувам колкави ли ќе бидат паметниците на дедо му Аминта, па на прадедо му Пердика кога ќе им скимне и нив конечно да ги постават. И тоа не е се! Не очекува и бонус! Имено, кога ќе го поминеме Јустинијанскиот мост, ќе не дочека нова статуа на мајка му Олимпија, држејќи го малиот Александар в раце (цинизам наспроти христијанската икона за Мајка Богородица). Во исто време продолжува кампањаа трагајќи за нов идентитет на Македонците преку внезапно издавање книги, преку менување на содржината на постоечките учебници, преку снимање нови документарни програми во кои актерите не можат ни да ги прочитаат имињаа на нашите нови историски идоли. Да бевме современици на Фројд, на Јунг или на Адлер, безбели ќе пристигнеа на студиски престој во Македонија, така што ќе ја збогатеа психијатријата со нов термин (од типот “македонски комплекс“). Затоа што насилството на кое што е изложен идентитетот на македонскиот народ навистина заслужува стручен надзор или лонгитудиналноо повеќедецениско истражување!
Впрчем, на тој начин само се потрврдува правилото: “проблем е прв пат, вториот пат е полесно“! На народот кој што еднаш веќе го смени комплетниот идентитет, очигледно му е полесно и вторпат да го направи истото. И така, со големите пароли дека настојчиво го браниме македонскиот идентитет, владата на најревносен начин го менува токму него! Силувањето на идентитетот се случува преку сите погоре споменати инструменти, поткрепено низ претставената нова слика на државата. Но, најинтересно настапува, кога владата ќе ја обвинат за антиквизација. Тогаш, се чудат, не знаат ништо, небаре народот спонтано дејствува!
Само да прашам: Од кога не сме чуле јавен збор за Св.Кирил и Методиј, или за Св.Климент и Св.Наум? Та, што се тие наспроти величината на Александар Македонски?! Единствениот реален корен врз кој можеме да се потпреме (словенскиот) го урнисавме, го деградиравме и го исмејавме. До вчера учевме дека столб на Македонската православна црква е словенството, во секоја наша црковна или преродбенската книга извира словенскиот карактер на овој народ. Но црквата упорито молчи! Молчат и македонистите, молча и академиците, молчат и докторите на науки! Некои од страв, други поради уцена, трети заради поткуп. Вакво безобразно, неосновано и глупаво извитоперување на националниот идентитет му се нема случено на ниеден друг народ во поновата историја! А нам, за шеесет години дури двапати! Да појаснам. Ваквото “толчење“ на идентитетот може да се рамни само со промената на сопствената самоличност, случено на овој ист народ, во 1945 година.
АПОСТАТ-отпадник. Основното значење на зборот се употребува пред се во религозен контекст за оние кои што се откажале од вистинското учење или од верата (особено од христијанската).
Ете, тоа е денеска Македонија, АПОСТАТ!!! Секој следен ден, со се поголемата антиквизација стануваме отстапници од Заветите на Св.Климент и Св.Наум, од Заветите на Браќата Миладинови, Прличев, Шапкарев… Отстапуваме и од Заветите на Делчев и на Груев кои што јасно и недвосмислено дејствувале против оние кои што ќе потпаднеле под пропагандата на Каравангелис дека нивниот јазик е словенски, ама во нив тече крвта на Александар. Тогаш, таквите ги осудуваа на смрт како грчки платеници!!!
Македонија не е отстапник само во однос на етничките корени! Таа е отстапник и во поглед на верата! Веќе во секоја новоизградена црква се “фрескописа“ симболот на Амон Ра така што прашање на ден е кога Свети Климентовата црква ќе ја преименуваме во “Свети Александрова црква“. Зар не можеме да забележиме како Христијанските обележја отстапуваат пред статуите на паганизмот?!
Знам дека скаската за Александар е многу милозвучна! Ама лажна, многу лажна! На крајот на краиштата, ние имаме автохотна историја, ама таа не е поврзана со Александар…