Средба на Почесниот претседател на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски и Претседателот на ВМРО-НП Марјан Додовски со Амбасадорот на САД во Република Македонија Филип Рикер

Според Георгиевски амбасадорот Рикер јасно порачал дека очекува изборите да бидат фер и демократски кои Македонија ќе ја легитимираат како демократска држава, а резултатите од таквите избори ќе бидат признаени како легитимни.

Лидерот на ВМРО Народна партија ја коментираше изјавата на претседателот Иванов дадена во Женева во која тој одбива географска одредница за името на државата но, дека бил согласен за име како што е Република Македонија – Скопје.

„Ѓорге Иванов како претседател е против географска додавка, меѓутоа не му пречи топонимска додавка. Значи треба некој да му објасни дека топографијата е дел од географијата. Така што навистина не знам државните функционери на Република Македонија се зафркаваат ли со Република Македонија и со интелигенцијата на овој народ“, изјави Љубчо Георгиевски, ВМРО Народна.

ВМРО Народна партија останува на ставот дека прашањето на името е политичко прашање кое бара храброст и одговорност за да биде така и решено.

„Ние се одделуваме од другите политички партии, затоа што сметаме дека навистина ова е политичка работа, политичка одговорност, а не прашање што треба да се префрли на референдум, што тие како став, како позиција го поздравуваат и сметаат дека тоа е многу храбра и многу јасна политичка изјава“, вели Љубчо Георгиевски, ВМРО Народна.

Георгиевски очекува овие избори да го дадат политичкото решение на овој проблем.