Членство во АКРЕ

АКРЕ (ACRE) ја усвои Декларацијата на Рејкјавик за време на состанокот на Советот на 21 март 2014 година. Во Декларацијата се дефинирани принципите на кои се заснова АКРЕ. ВМРО – Народна Партија како член на Алијансата, исто така се залага за овие принципи.

Декларацијата на Рејкјавик

Алијансата на конзервативци и реформисти во Европа (АКРЕ) ги обединува партиите кои веруваат во: индивидуална слобода, национален суверенитет, парламентарна демократија, владеење на правото, приватна сопственост, ниски даноци, здрава монетарна политика, слободна трговија, отворена конкуренција и децентрализација на власта.

АКРЕ верува во Европа составена од независни држави кои работат заедно за остварување заемна добивка, задржувајќи го својот идентитет и интегритет.

АКРЕ е посветена на еднаквоста на сите европски демократски држави, без оглед на нивната големина и независно од тоа во кои меѓународни здруженија се здружуваат.

АКРЕ се залага за остварување на државната власт на најниско можно ниво – од страна на инволвираните поединци, каде што е возможно, или од страна на локалните или националните власти со предност пред наднационалните тела.

АКРЕ верува дека здравите општества се засноваат врз достоинството и автономијата на поединецот, којшто треба да биде ослободен од државна принуда. Слободата на поединецот вклучува: слобода на вероисповед и богослужба, слобода на говор и изразување, слобода на движење и здружување, слобода на договор и вработување и слобода од репресивно, арбитрарно или казнено оданочување.

АКРЕ ја признава еднаквоста на сите граѓани пред законот, без оглед на етничката припадност, полот или социјалната класа. Ги отфрла сите форми на екстремизам, авторитаризам и расизам.

АКРЕ ја негува важната улога на граѓанските здруженија, семејството и другите тела кои формираат врска помеѓу поединецот и владата.

АКРЕ ја признава единствената демократска легитимност на националната држава.

АКРЕ е посветена на ширење слободна трговија и отворена конкуренција во Европа и на глобално ниво.

АКРЕ ги поддржува принципите на Прашката декларација од март 2009 година, како и работата на европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент и на сојузничките групи на другите европски собранија.