ИСТОРИЈАТ

Едновековното постоење и опстојување на Македонската револуционерна организација, позната како ВМРО, е одраз на борбата на македонскиот народ за национално ослободување и желбата за создавање на самостојна и независна македонска држава. ВМРО се појави како народна, тајна и самостојна револуционерна организација, со цел да го организира, подготви и поведе македонскиот народ за оружена борба за национално ослободување. Името ВМРО трајно е врежано во меморијата на македонскиот народ и со неговиот идеал се водела борбата до победоносниот крај за создавање на денешна самостојна и суверена Република Македонија. 

Првиот исчекор во формирањето на Македонската револуционерна организација, позната како ВМРО, го направија група македонски револуционери и интелектуалци: д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров, Иван Хаџиниколов и Христо Батанџиев. Во уставите и правилниците на ВМРО беа втемелени основните принципи на дејствување: таа да биде тајна и револуционерна организација, да дејствува исклучиво во природните и историските граници на Македонија, во неа да членуваат лица родени и кои живеат во Македонија без разлика на народноста и верата и да дејствува за остварување политичка автономија на Македонија. 

Веднаш по формирањето ракодството на Организацијата пристапи кон изградување на револуционерната структура, од местни органи и управни тела до револуционерни околии и окрузи, како и паралелна нелегална легитимна власт: судска, административна и финансиска, со своја тајна полиција и пошта. Исто така, Организација веднаш пристапи кон вооружување на четите и населението. 

Илинденското востание и Крушевската Република од 2 август 1903 година како круна на револуционерниот ослободителен стремеж на македонскиот народ за извојување на своја државност, беа организирани и реализирани од раководните тела и чети на ВМРО. Низ раководните структури на ВМРО продефилираа голем број истакнати револуционери, идеолози, интелектуалци, еден вид апостоли на македонската борба, како што се: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, д-р Христо Татарчев, Борис Сарафов, Пере Тошев, Јане Сандански, Никола Карев и др. 

ВМРО директно и индиректно зеде учество во Младотурската револуција во 1908 година, a co своите доброволни чети во Балканските и Првата свеска војна. Во овие војни, кога територијалната целост на Македонија беше распарчена меѓу балканските држави Бугарија, Србија и Грција и кога македонскиот народ беше трајно поделен, револуционерните кадри и вооружената сила на ВМРО, и покрај тоа што co голема жар зедоа учество за ослободување на Македонија, беа искористени за туѓи цели и интереси.
Веднаш по Првата светска војна ВМРО ја обнови својата револуционерна активност co активирање на старите кадри на Организацијата и четите и вклучување на македонската емиграција во Бугарија во барањето до европските и светски фактори за ослободување на Македонија и решавање на македонското прашање преку создавање на самостојна и независна Македонија или во рамките на Балканската федерација како посебна политичка единица. Предводена од обновениот ЦК на ВМРО, на чело со Тодор Александров, а од 1925 година до нејзината забрана во 1934 година во Бугарија на чело со Иван Михајлов, ВМРО своите чети главно ги активира против режимот на на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во вардарскиот дел на Македонија и на Кралството Грција во егејскиот дел на Македонија, давајќи им на знаење на европските сили дека Македонија е поробена и дека македонското прашање не е решено. Исто така, вооруженото дејствување на четите на ВМРО беа насочени и кон спречување на колонизацијата на српските колонисти во вардарскиот дел на Македонија и против асимилацијата и денационализацијата на македонскиот народ. 

По завршувањето на Втората светска војна и ослободувањето на Македонија, припадниците и симпатизерите на ВМРО повторно ги воскреснаа програмските определби на Организацијата за самостојна и обединета Македонија. Незадоволни и длабоко разочарани од недокрај решеното македонско национално прашање и територијалното обединување на македонскиот народ, припадниците на ВМРО беа главни носители на политичката опозиција во Македонија. Неприфаќајќи го статусот на Македонија во рамките на југословенската федерација, како и силно изразената желба за отцепување од неа, членовите и симпатизерите на ВМРО организирааа бројни тајни политички организации и групи. Најголемиот број од нив го носеа името ВМРО, а главната и основна цел им била: создавање на самостојна, независна, обединета и демократска македонска држава, преку отцепување на Македонија од Југославија. Од 1945 до 1985 година биле откриени 105 тајни групи и организации со преку 1.200 членови, кои биле апсени, затворани, судени, репресирани, па и стрелани без судски пресуди. 

Борбата за самостојна Македонија продолжи и за време на распаѓањето на СФР Југославија и раздружувањето на Македонија од неа. Тогаш новосоздадената партија ВМРО-ДПМНЕ беше единствената што отворено се залагаше за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна македонска држава, за заокружување на македонската државност и за меѓународно признавање на македонската држава, што денес во Република Македонија стана реалност. 

I – VIII конгрес на ВМРО
 

I КОНГРЕС
Се одржал на 27 август 1894 година во Ресен. За претседател бил избран д-р Христо Татарчев, а за секретар Дамјан Груев.
 

II КОНГРЕС
Се одржал во Солун во летото 1896 година. За претседател бил избран д-р Христо Татарчев. На Конгресот бил донесен нов устав на организацијата и донесена одлука преку револуција извојување на целосна политичка автономија на Македонија и Одринско.
 

III КОНГРЕС
Се одржал во Солун од 2 до 4 јануари 1903 година. За претседател бил избран Иван Гарванов, а за секретар Димитар Мирчев. На Конгресот била донесена одлука за кревање на Илинденското востание.
 

IV КОНГРЕС
Се одржал во септември 1905 година во Рилскиот манастир. За претседател бил избран Дамјан Груев, а за секретар Аргир Манасиев. Бил избран Централен комитет во состав: Дамјан Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов. На Конгресот бил донесен нов Устав на организацијата, според кој целта на револуционерното дејствување била извојување на политичка автономија на Македонија и Одринско.
 

V КОНГРЕС
Се одржал во март 1908 година во с. Жабокрт, Ќустендилско. За претседател бил избран Христо Матов. Бил избран нов Централен комитет во состав: Павел Христов, Ефрем Чучков Петко Пенчев. Конгресот ја потврдил целта на организацијата за извојување на целосна политичка автономија на Македонија и Одринско.
 

VI КОНГРЕС
Се одржал од 9 до 12 февруари 1925 година во с. Србиново (денешно с. Брежани), Горноџумајско. Бил избран нов Централен комитет во состав:
Иван Михајлов, Александар Протогеров и Георги Поп Христов и Задгранично претставништво во состав: Георги Баждаров, Кирил Прличев и Никола Томалевски.
На Конгресот биле усвоени преработените Устав и Правилник на организацијата, во кои целта на ВМРО и натаму останала иста: Обединување на разделена Македонија во нејзините географски граници и извојување нејзина целосна политичка автономија (самоуправување) и да го подготви македонското население за револуционерни акции, а во краен случај на едно општо и масовно востание.
 

VII КОНГРЕС
Се одржал од 21 до 25 јули 1928 година во с. Крупник, Горноџумајско. Бил избран нов состав на ЦК на ВМРО, во кој влегле: Иван Михајлов, Иван Караџов и Страхил Развигоров.
На Конгресот биле извршени измени на Уставот и Правилникот на ВМРО и била донесена посебна Резолуција за продолжување на борбата за извојување автономија на Македонија и преку културната и легалната борба да се дојде до создавање на самостојна и независна Македонија.
 

VIII КОНГРЕС
Се одржал на 11 април 1932 година во с. Тросково, Горноѓумајско. За членови на новиот ЦК на ВМРО биле избрани: Иван Михајлов, Владимир Куртев и Георги Настев.
На Конгресот била донесена резолуција во која се истакнувала целта на организацијата во борбата за автономија или самостојност на Македонија.  

 ВОСКРЕСЕНИЕ НА ВМРО

 Првиот конгрес на обновената ВМРО се одржа на 6 и 7 април 1991 година, во Прилеп, во деновите на Вељасабота и на Воскресение Христово(Велигден). Конгресот беше воден под мотото “Самостојна и независна Македонија, воскреснување на идејата за самостојност”. Велигденскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ помина во знакот на консолидација и на нова организациона поставеност во Партијата. Во присуство на повеќе од 300 делегати и гости, повторно, за Претседател на Партијата беше избран Љубчо Георгиевски. Поради неспоивоста на неговата партиска функција со државната, како потпретседател на Македонија, претседателската партиска функција на Георгиевски беше ставена во мирување. Усвоен беше и новиот партиски Статут, конгресната резолуција за натамошно дејствување и нов Централен комитет, од 65 члена. Во конгресната Резолуција беа истакнати основните определби и насоките на дејствување на Партијата во наредниот период. Резолуцијата беше систематизирана во четири тематски подрачја: за темелните права, за одбраната, за стопанството на македноската држава и за духовниот живот. Резолуцијата нагласуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за самостојна македонска држава на македонскиот народ и на граѓаните кои живеат во неа, чие остварување е можно преку заложбите на сиот македонски народ на Балканот, во Европа и во Светот. Покрај тоа, на конгресот, ВМРО-ДПМНЕ повикуваше на национално помирување и обединување на сите Македонци, каде и да се и без разлика на идеолошките и политичките уверувања, во името на создавање самостојна, обединета македонска држава. Освен за идејата за Македонска војска и за отстранување на ЈНА од македонските простори, за време на прилепскиот Конгрес се зборуваше и за самостојна монетарна и фискална политика, за воведување македонска парична единица “статер”, за потребата од модерен даночен систем и царини, за самостојни економски односи со странство и за правото на македонскиот народ самостојно да располага со сите национални богатства и ресурси на македонската држава.
 
Партијата ја истакна потребата од вградување на македонската историја, на духовната традиција, на уметноста, на литературата, на јазикот, во сите сегменти на општествениот живот.
 
На состанокот присуствуваа братските партии од Републиката, претставници на ХДЗ од Хрватска, на Словенечкиот демократски сојуз, како и гости од дијаспората. Претседателот на Партијата ја истакна потребата од воскреснување идејата на ВМРО. Со усвојување на партискиот Статут, беше прифатено, членови на Партијата да можат да бидат Македонците и сите граѓани на Македонија и Македонците кои живеат надвор од Македонија. Статутот и организационата шема беа правени според револуционата традиција. Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика бројни реакции во Македонија и во странство. Додека во македонската дијаспора, усвоените партиски документи се оценуваа мошне поволно, од тогашната власт во Републиката се слушаа голем број жестоки реакции. Причините за тоа беа, пред се’, заложбите на Партијата за целосно осамостојување на македонската држава кои, во тоа време претставуваа ерес.